Доколку обавувате земјоделска дејност и вашиот приход во 2014 година не надминува 1.300.000 денари, имате можност данокот на доход да го плаќате паушално, се вели меѓу другото во соопштението од УЈП.
Понатаму во истото се нагласува: „Без разлика дали земјоделието претставува ваша основна дејност или истата ја вршите како дополнително занимање, регистрацијата за паушално оданочување ви овозможува персоналниот данок да го плаќате еднаш во годината и да немате дополнителни трошоци за водење на деловни книги“
Регистрацијата за паушално оданочување можете да ја извршите најдоцна до 31 јануари 2015 година на шалтерите на УЈП или по електронски пат. Потребно е да поднесете Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност, пријавата може да ја најдете на веб старната на УЈП. Исто така потребно е да поднесет Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“) кое ито така можете да го најдете на страната на УЈП.
Ако веќе сте регистрирани од УЈП и доделен ви е даночен број (ЕДБ) како вршител на земјоделска дејност, поднесете само Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).
За земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување се предвидени низа даночни поволности. Доколку земјоделството е основна дејност, се добива целосно ослободување од персонален данок, доколку вашиот приход во 2014 година изнесува до 300.000 денари.
Доколку приходите кои сте ги оствариле се движат над 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи.
Пример: Ако во 2014 година сте оствариле 1.000.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 20.000 денари.
Доколку вршите земјоделска дејност како дополнително занимање, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи.
Пример: Ако во 2014 година сте оствариле 200.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 4.000 денари. Исто така се добива и ослободување од плаќање на данок на доход за субвенциите кои ви ги доделила државата.
Од ноември 2014 до јануари 2015 година, Управата за јавни приходи ќе организира обуки за земјоделците на тема: „Регистрација и паушално оданочување на земјоделци“.
A.Д
Додади коментар