Здружението „Напредни лозари“ бара од државата по завршетокот на бербата да се обесштетат сите лозаропроизводители кои не успеале да го предадат грозјето, а проценката на штетата да ја вршат експерти од МЗШВ и претставници на здружението.
„Напредни лозари“ синоќа одржаа состанок на кој беа донесени и повеќе заклучоци. Сметаат дека винарската визба „Тиквеш“ ја загубила водечката улога во лозаро-винарскиот бизнис во Тиквешијата и пошироко.
„Со количините кои моментално ги откупува и цените кои ги диктира, визбата во изминатите дваесетина години ги доведе лозарите на просјачки стап. Систематски работи на уништување на оваа земјоделска гранка во Тиквешијата, со што лозарите го губат и интересот за понатамошно производство на грозје“ велат од „Напредни лозари“ и додаваат дека оваа винарија не била достојна да го носи името „Тиквеш“ и бараат да се одземе правото да го користи тој светски бренд од стотина години, но и да се изврши детална ревизија на работењето на винаријата од приватизацијата до денес.
Лозарите исто така бараат владата итно да донесе закон за лозарство и грозје ско кој ќе се заштити, како што велат, грабежот, кој врз нив го вршат одредени преработувачки капацитети. Со овој закон бараат да се обезбедат најниски заштитни откупни цени на грозјето, базирани на реалната технолошка зрелост на секоја сорта.
Ангел Данов
Додади коментар