Сезоната на грип веќе започна благодарение на променливото време кое оди во прилог на ова вирусно заболување. Во Кавадарци веќе се регистрирани првите два случаи на заболени, а бројот постепено ќе се зголемува велат лекарите.
Од Центарот за јавно здравје Кавадарци ни потврдија дека има двајца полесно заболени од грип.
“Нема потреба од паника. Нормално е во овој период од годината да започне грипот“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Кавадарци и нагласи дека минатата сезона биле евидентирани 1017 заболени од грип.
Веќе е завршена вакцинацијата против ова сезонско заболување. Вакцина примиле 665 граѓани, пред се постари луѓе и хронично болни.
Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, воспалено грло, болки во мускулите, силни главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. Иако грипот често се заменува со други болести кои се слични на грипот особено со обичната настинка, тој е многу посериозна болест и се предизвикува од друг тип на вирус.
Обично, грипот се пренесува преку воздухот со кашлање или кивање, создавајќи аеросоли кои што го содржат вирусот. Исто така грипот може да се пренесе и преку директен контакт со птичји измет или со назалните секрети, или во контакт со загадени површини.Се смета дека аеросолите во воздухот се главните виновници за повеќето инфекции ,а фактот дека се главна причина за пренесувањето се уште не е докажан. Вирусите на грипот можат да се уништат преку сончева светлина, со средства за дезинфекција и со детергенти. Бидејќи сапунот го уништува вирусот, ризикот од заболување се намалува со почесто миење на рацете .
Грипот може да се лекува со лекови против вирусот и со најефикасните антибиотици.
Ангел Данов

Додади коментар