Во Неготино денеска започнаа да се реализираат активностите од „Неделата на виното“ по повод празникот на лозарите Свети Трифун. Во рамки на празнувањата, денеска се одржа дегустација, односно натпревар за најдобри вина и ракии од индивидуални произовдители од Неготино, но и регионот.
Доставените мостри од вината и ракиите ги оценуваше стручна комисија составена од енолози од Здружението на енолози на Република Македонија. Како што кажаа и самите сооглед на тоа што годината за лозарите беше доста лоша како и домашните услови во кои се произведуваат вината и ракиите, на овогодишната дегустација, односно натпревар има доста добри вина и ракии.
На денешниот натпревар дегустаторите дегустираа 25 мостри бело вино, 20 црвено , како и 18 мостри на ракија. Оценувачката комисија е составена од тројца членови-енолози.
„Оваа година наградите за најдобрите производители ќе се состојат од ножици за кроење, машинки за врзување и буренца кои ќе им бидат од корист на лозарите, а кои пак ќе им бидат врачени на централната прослава на Свети Трифун во сабота на градскиот плоштад во Неготино. Инаку, организиран е и натпревар за најдобри вина од регистрирани винарски визби на кој со свои мостри се пријавени 10 винарии од Македонија и една од Бугарија“ рече градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.
Одбележувањето на празникот ќе продолжи и утре во манастирот Свети Жорѓи каде ќе се одбележи „Денот на вранецот“. Ќе се дегустираат вина од винарските визби.
Маја Алексовска

Додади коментар