Телевизиска програма само преку дигитален сигнал, што треба да овозможи кристално чиста слика, беспрекорен звук и нови интерактивни услуги од денеска им се нуди на македонските граѓани. Без проблеми и одлагање од денеска започна дигитализацијата. Заради исклучувањето на аналогниот и вклучувањето на дигиталниот сигнал, граѓаните кои немаат кабелска телевизија, Макс или Бум ТВ, а имаат постар телевизор ќе треба да си купат нов телевизор со вграден уред за дигитален прием, или пак дигитален приемник (сет топ бокс) за да можат да следат телевизиска програма.
Дигиталниот сигнал на националните и регионалните телевизиски станици во Република Македонија, синоќа беше пуштен во употреба со свеченост на плоштадот „Македонија“. На свеченоста свои обраќања пред присутните имаа министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, главниот извршен директор на операторот ОНЕ, Цирил Кафол, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски и претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски.
КТВ од денеска и официјално е регионална телевизија. Програмата можат да ја следат гледачите од Кавадарци, Неготино, Велес, Росоман, Градско, Демир Капија, Свети Николе. Лозово и Чашка.
„Не се остварија предвидувањата на некои скептици дека дигитализацијата ќе затвори голем број телевизии во земјата, дека ќе завладее медиумски мрак. Напротив. Ниту еден од постоечките медиуми не згасна со процесот на дигитализација. Сите продолжуваат со работа со повисоки професионални стандарди, а имаме и еден медиум кој од регионален прерасна во национален“, рече во обраќањето министеротза информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Тој напомена дека Македонија стана првата земја во регионот која го воведува дигиталниот сигнал од 1 јуни, што претставува значаен исчекор во професионализацијата на медиумските стандарди и голем успех за земјата.
-Добравечер дигитална Македонијо, се обрати директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски. Директорот на операторот ОНЕ, Цирил Кафол истакна дека компанијата е целосно подготвена системот да профункционира според предвиденото.
Сите национални и регионални телевизии кои добиле лиценца од Советот за радиодифузија и кои потпишале договор со ОНЕ и навреме ја обезбедиле потребната техничка опрема, од денеска се емитуваат дигитално преку нивната платформа.
Од вкупно 61 телевизија во Македонија, 60 телевизиски станици побараа промена на дозволата од Советот за радиодифузија за премин од аналогно во дигитално емитување. Од нив 31 телевизии ќе емитуваат дигитална програма преку операторот ОНЕ, а 30 преку кабелски оператори, рече претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски.
Граѓаните ќе можат да пријават евентуални проблеми при преминот од аналогно во дигитално емитување на телевизиските сигнали на бесплатниот телефонски број 190 во контакт центарот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), а ќе може да се обратат и до Советот за радиодифузија
Додади коментар