Заев и Бочварски во увид на градежните активности на патниот крак Кавадарци - Дреново
06-06-2021 РЕГИОН

Премиерот Заев истакна дека за патната инфраструктура е планирана значителна сума средства и дека од оваа година има нов систем за надгледување на спроведувањето на капиталните инвестиции.
„На развојот на патната инфраструктура се работи низ цела Северна Македонија, за што планираме во наредните години да инвестираме значителна сума на средства, кои се проценети на преку 1 милијарда евра, a само во оваа година планираме за изградба и рехабилитација на патишта да намениме околу 200 милиони евра. Важно е да се напомене дека за реализацијата на капиталните проекти, од оваа година има нова димензија, односно активиран е систем кој го надгледува спроведувањето на капиталните инвестиции и веднаш алармира таму каде што ќе се појави застој“, објасни премиерот Заев.
Министерот Бочварски истакна дека по завршување на оваа патна делница од Дреново до Кавадарци, се продолжува со рехабилитација на регионалниот пат Неготино-Глишиќ. Исто така во оваа градежна сезона ќе се реконструираат 5 улици во Кавадарци и 3 улици во Неготино.

„Оваа Влада ги решава проблемите и ја модернизира патната инфраструктура во државата. Во однос на експресниот пат од Градско до Дреново во фаза на преземање е договорот за работа и многу брзо Штрабаг започнува со работа на трасата. За делницата од Дреново до Фариш избран е изведувач и веќе од 9 јуни компанијата започнува со работа. Исто така избран е изведувач и за рехабилитација на Плетвар и со избор на надзорот и таму започнуваме со работа. Така да имаме силна градежна сезона во овој регион“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Директорот на „Македонија пат“ Беким Мемеди рече дека патниот правец Кавадарци-Дреново е исклучително важен за тиквешкиот регион, во вредност од 90 милиони денари и се реализира во две фази, прва фаза опфаќа гребење и реконструкција во должина од 5,1км и втора фаза во должина од 3,9км и ширина 7м, и додаде дека моментално се работи на преку десетина патни правци низ државата - стои во соопштението од владината прес служба.

Додади коментар