Заврши втората винска регата
23-06-2014 РЕГИОН

Викендов се пловше со чамци и кајаци и  се дегустираше вино низ винариите во Тиквешијата. Два дена гемиџии, спортисти, вљубеници во природата и нејзините убавини како и голем број ентузијасти во рамки на втората тиквешка винска регата пловеа низ водите на Вардар. Викендов тие  го поминаа патот на виното по кој некогаш се носело квалитетното тиквешко вино  до Солун.

„Се заврши според планираното. Голем беше одзивот за годинешната тиквешка винска регата. Очекувањата се исполнија“ рече денеска директорот на Тиквешката винска регата Панче Арсовски. Тој нагласи дека настанот поминал во најдобар ред и уште од сега ќе ги започнат подготовките за наредната регата. Арсовски очекува следната година патот на виното да го помнинат и туристи од повеќе земји, поради што здружението „Винотек“, организатор на регатата отпочнува соработка и со туристичките агенции од регионот.

„Реките Црна и Вардар и нивните притоки значат живот за регионот, бидејќи од нивните води се наводнуваат околните земјоделски површини. Пловејќи по Вардар ние сакаме да го вратиме интересот кај туристите за поминување по патот на виното, дегустација на вино, но да го афирмираме и манастирскиот туризам и археолошкиот туризам“ рекоа од „Винотек“.

Учесниците во регатата имаа можност да ги посетат неколку винарски визби, да ги дегустираат нивните вина, но и да се запознаат со процесот на производство на виното.

А.Д

„Овој настан е од големо значење за регионот и дава придонес во промоцијата на тиквешките вина, а ќе придонесе и за развој на винскиот туризам во овој крај“ рече сопственикот на винарија „Бовин“, Ѓоко Тренев.

 

 



Share

Додади коментар