За новогодишната ноќ брзата помош со зголемен број интервенции
02-01-2017 РЕГИОН

Грипот во Кавадарци се шири со епидемиолошки размери, велат лекари. За време на новогодишната ноќ во итната медицинска помош дежурните лекари имале полни раце работа. За преглед се јавиле шеесетина пациенти, 90 отсто од нив биле со компликации од грипот.

 

„Бројот на прегледи е трипати зголемен од вообичаено поради грипот. За новогодишната ноќ имавме и тројца млади, лесно повредени во тепачка, а амбулантски се третирани и две алкохолизирани лица“ информира началникот на итната медицинска помош во Кавадарци, д-р Антоан Паракеов.

 

Тој упати апел до граѓаните да не повикуваат брза помош само за покачена телесна температура, бидејќи на тој начин се намалува капацитетот на брзата помош.

 

„Имаме случаи да се повикува брза помош поради покачена телесна температура, без било какви други сериозни здравствени проблеми. На овој начин се ремети работењето на тимовите на брза помош поради што е можно да се задоцни на посериозен повик, кога има пациент во животно загрозувачка сотојба“ вели д-р Паракеов.

 

Пациентите кои имаат само покачена температура или имаат симптоми на настинка е потребно да земаат аналгетици или антипиретици.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар