Влажен бран со интензивни врнежи од дожд, повремено со грмежи, ја зафати земјава, а тоа услови зголемување на нивото на реките. Според информациите од метеоролошката страница во Кавадарци до 7 часот утринава во Кавадарци наврнале 16 литри на метар квадратен, а резултатите од мерењата во 13 часот покажаа дека количината на дожд е зголемена за уште 4 читри и вкупно до 13 часот има наврнато 20 литри на метар квадратен.
Со обилни врнежи од дожд беше зафатено и Неготино во текот на ноќта и претпладневните часови. До 8 часот во неготинско наврнале 12 литри на метар квадратен, но сооглед на тоа дека врнежите продолжија и во попладневните часови сигурно и вкупниот воден талог е зголемен,
Поради прекин на железничката пруга во прекин е железничкиот сообраќај Демир Капија - Гевгелија , информира Тихомир Каранфилов од одделението за односи со јавноста при Центарот за управување со кризи.
-Поплавени се и подрумски простории во Специјалниот завод во Демир Капија. Се работи на отстранување на водата. Поради излевање на реката Бошавица на едно место е скинат заштитниот насип на улицата Партизанска која е полна со вода па се работи и таму на поправка на насипот, нагласува Каранфилов.
Метеоролозите информираат дека претежно облачно време и врнежи од дожд поради циклонска активност ќе имаме се до недела, но тоа што врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во недела попладне и во понеделник ќе настапи преодно стабилизирање на времето. Темепратурите ќе опаднат, а ќе дува и засилен ветер.
А.Д

Додади коментар