Со освојување на четвртото место на женскиот М-16 фајнл фор турнир кој во неделата и понеделникот се играше во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје кошаркарскиот клуб „Академик“ и официјално ја затвори повеќе од успешната сезона.
„Отворивме едно ново поглавје во кавадаречката женска кошарка. Го направивме тоа што ниту еден женски кошаркарски младински тим од Кавадарци до сега не успеал да го направи, стигнавме до завршницата во шампионат во кој моите девојки се натпреваруваа со една година повозрасни кошаркарки. Самиот пласман на фајнл форот беше остварување на амбициите на клубот за годинава, па со целото стекнато искуство ќе се обидиме догодина да одиме чекор понапред“ - ни изјави Дарко Цеков, предводник на еден од најуспешните кавадаречки спортски колективи во сезоната 2012/2013.
„Тремата и емоциите беа наш најголем противник во првото полуфинале против тимот на Бадел 1862 кој го загубивме со 45-20. Затоа пак девојките беа на ниво на мечот против Јуниор и малку недостасуваше да го добиеме мечот, но неколкуте грешки во финишот не чинеа пораз од 58-52“ - рече во продолжение Цеков.
Дополнително признание за работата на женскиот кошаркарски клуб „Академик“ е и вклучувањето на Цветанка Димова во најдобрата петорка на фајнл фор турнирот, во кој се најдоа две кошаркари на победникот Кросиг и по една од тимовите на Бадел и Јуниор.
Kavada4e.com
Додади коментар