Секторот за внатрешни работи Велес во соработка со надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лицето Е.И. (1979) од село Горно Оризари- општина Велес, поради основи на сомнение дека на 04.09.2015 година заедно со уште едно непознато лице, сториле едно кривично дело „грабнување“ , едно кривично дело „одземање моторно возило“ , едно кривично дело „разбојништво“ и едно кривично дело „предизвикување општа опасност“. - информираат од канцеларијата за односи со јавноста при СВР Велес.
Пријавениот заедно со уште едно непознато лице на 04.09.2015 година околу 03,00час. на локалниот пат Велес – Раштани кај клучката со новоизградениот пат кон Прилеп со закана со автоматска пушка насилно сопреле патнички автомобил марка „опел астра“ во кој се превезувале две лица , ги извадиле надвор од возилото и им се заканиле дека ќе ги убијат доколку не ги извршуваат нивните наредби, по што испукале со пушката во земјата со цел да ги предупредат. Потоа ги внеле во возилото и држејќи ја пушката вперена во главата на возачот, пријавениот му наредил да вози кон село Башино Село. Кога пристигнале на бензинската станица „Башино Гас“ лоцирана на патот Велес – село Башино Село, им наредиле да седат во возилото и чекаат по што влегле во бензинската каде заканувајќи се со автоматската пушка побарале од двете вработени лица да им ги дадат парите, и од бирото одзеле вкупно 40 000денари и една женска чанта . Откако ги зеле парите, пријавениот почнал да пука во мониторот поставен на бирото и го скршил двојното стакло од излогот, по што излегле од бензинската и побегнале со патничкиот автомобил „опел астра“ , кој подоцна е пронајден пред наплатната станица „Градско“ .
После три дена, односно на 07.09.2015 година, во 19,15час. пријавениот изврши кривично дело „разбојништво“ во менувачница „Сан-КОО“ лоцирана во трговскиот центар во Велес, при што испука неколку куршуми со автоматска пушка. Истиот беше фатен на лице место и лишен од слобода и по поднесената кривична пријава од надлежен суд му беше одредена мерка притвор . По извршеното вештачење над оружјето и чаурите, потврдено е дека се работи за истото оружје употребено и на 04.09.2015 година.
Пријавениот претходно повеќепати е пријавуван за вакви и слични кривични дела, за што му се изрекувани и затворски казни.
Се превземаат мерки за пронаоѓање на другото лице кое учествуваше при извршување на кривичните дела на 04.09.2015 година.
Додади коментар