Уште еден хуман потег реализираа жените од локалната самоуправа Кавадарци. Парите наместо за осмомартовска забава ги одвоија за набавка на машина за садови, правосмукалка и спортска опрема за децата од мал групен дом во Кавадарци, каде се сместени деца од семејства во социјален ризик.
Донацијата ја предаде советничката за образование при локалната самоуправа Зорка В`чкова и им се заблагодари на сите жени вработени во општинската администрација за искажаната согласност за овој хуман потег.
„Вработените жени во локалната самоуправа веќе втор пат ја реализираат оваа акција. Донираме на ранливите категории. Првата акција лани ја реализиравме во детското одделение при кавадаречката болница, а денеска донираме во Мал групен дом. Празнината не може да се потполни со гестови кои се прават во секојдневието, но сепак може да се намали празнината. Им благодарам на моите колешки и на градоначалникот за разбирањето. Го одбравме овој дом бидејќи знаеме дека потребите се секојдневни, грижата е потребна секој ден, овие дечиња се малку хендикепирани во споредба со другите и имаат секогаш потреба од нешто друго. Средствата кои беа планирани од ЛС за да се одбележи празникот на жената 8 ми март ги наменивме за купување на машина за садови, правосмукалка, спортска опрема за децата. Во оваа хуманитарна акција се приклучи и фиризерското студио Зодијак со две уметнички дела од Ива Јосифова за украсување на домот на овие дечиња. Благодарам на топлиот пречек и на вработените и на децата“ рече В`чкова и апелираше до сите граѓани да го следат овој хуман потег на жените од локалната самоуправа.
Благодарност за донацијата искажа в.д директорката на Центарот за социјалн и работи , Весна Дамјаноска.
„ Една голема благодарност до припадничките од понежниот пол од локалната самоуправа што се сетиле на децата од малиот групен дом. Благодарам што со својата донација ќе им го олеснат секојдневното функционирање во домот. Најрадосни се децата. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжи соработката.“ рече Дамјаноска.
Aнгел Данов

Додади коментар