Помалите етнички заедници сметаат дека немаат доволно права во земјава, наспроти институциите кои велат дека ги имаат, но не си ги познаваат доволно.
Со трибина во Велес започна кампањата за промоција на законски загарантираните права и нивно искористување и ќе продолжи во уште 15 градови. Државната агенција за остварување на правата на заедниците која во изминатиов период вршела многубројни анкети меѓу луѓето припадници на српската, влашката, бошњачката ромската и турската заедница. Резултатите покажале дека и покрај правото на образование и правична застапеност во институциите овие луѓе многу малку знаат за своите права кои се гарантирани со уставот и законите во земјава.
„Заедниците малку се запознати со нивните права кои ги имаат во општеството и затоа беше потребно да се направи овој прирачник. А сигурно не се согласувам со тезата дека тие немаат права туку напротив ги имаат ,но како пример еве ќе наведам дека на терен се покажа оти учениците и родителите не се доволно запознати дека постои изборен предмет кој можат да го изучуваат“, рече Ирена Оровчанец, Агенција за остварување на правата на заедниците
Ваквата слика на агенцијата не ја делат етничките заедници во Велес. Сметаат дека институциите не им овозможиле правична застапеност во нив, а бараат и поголеми права во образованието истакнувајќи го проблемот со недостиг на кадар кој ќе предава на нивниот мајчин јазик.
„Мораме да се ангажираме, да седнеме да разговараме, со родителите, со албанците, со македонцте, со ромите, па ако трба сите деца да ги научат и тие јазици за заеднички ако треба да се направи една таква мешавито училиште и да се учи на овие јазици.
Побарав уште во 2010 година макар барем еден час да има на ромски јазик и се надевам дека ова барање вие ќе го прифатите.
Секој треба да си изучува на свој мајчин јазик и тука да седнеме да разговараме за учебници, за школувањето, за наставен кадар оти кога ќе имаме училиште на турски јазик ќе имаме и повеќе кадар кој би можел да предава“, рекоа дел од учесниците на трибината.
Спротивно на ова пак од управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на етничките заедници сметаат дека сепак државата води грижа за настава на мајчиниот јазик но дека самите припадници не ги искористиле предностите на законите кои гарантираат образование за етничките заедници.
„Не сум задоволна со користењето на тие права на етничките заедници, конкретно за мојата, влашката сметам дека во училиште каде што имаме 50 ученици власи, а само 15 завршуваат кои го следеле предметот по нивниот мајчин јазик не е доволно. И овде има секако простор за делување и охрабрување за користење на ова право“, рече Марија Николова, советник за влашки јазик во Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на етничките заедници
Во земјава малите етнички заедници како што се турците и србите имаат право за редовна настава на мајчин јазик додека бошњаците, власите и ромите на изборен предмет на јазик и култура на заедницата од која припаѓаат. Управата издаде и прирачник со кој ќе ги запознае со сите права кои ги уживаат во земјава./Б.Н.
Додади коментар