Еколошките организации членки на Движењето на екологисти на Македонија денеска во Кавадарци на заедничка средба му ги пренесоа еколошките проблеми на заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. На средбата беа присутни претставници од повеќе еколошки друштва од поширокиот регион. Сите присутни беа едногласни дека решавањето на еколошките проблеми може да се спроведува заеднички, невладиниот сектор во соработка со државата.
„Борбата за здрава животна средина не е работа само на министерството. Нас во Македонија ни треба една сеопфатна акција. Во овој момент во НВО има собрано многу знаење, многу искуство. Слушнавме на состанокот многу добри предлози и Министерството е спремно не само да ги сослуша туку во заедничка акција и да ги имплементира решенијата. На Македонија и треба еден еколошки ПРИБЕ, еден момент за еколошка правда. Министерството и владата се спремни да влезат во една сеопфатна акција за здрава животна средина“ рече Макрадули.
Заменик министерот за животна средина најави ревизија на сите издадени концесии за истражувања како одговор на нашето прашање дали ќе се дозволат геолошки истражувања околу изворот Дудица на Кожуф планина, од каде со вода за пиење се снабдуваат Кавадарци, Неготино и Росоман.
„Министерството има своја задача за оценка на влијанието врз животната средина на сите објекти кои се градат. Тоа е стручна анализа која мора да се темели на стручност и квалитет. Ние затекнавме една состојба, една реалност на издадени дозволи, потврди, концесии на многу години. Сите тие ќе бидат предмет на една анализа и ревизија. Оние кои ќе мора да се стартуваат ќе бидат под постојан мониторинг дали ги исполнуваат стандардите кои се бараат“ нагласи заменик министерот и најави дека во следниот период ќе се спроведувале низа мерки за намалување на аеро загадувањето, посебно во градовите кои се најмногу на удар, Кавадарци, Скопје, Битола и Тетово.
Претседателот на „Еко живот“ Кавадарци, Роберто Паризов вели дека на земјава и е неопходна национална стратегија за решавање на еколошките проблеми. „Сакавме да го приближиме министерството кон актуелните еколошки теми загадување на води на почва, воздух, сите можни облици на загадување и можни облици на решенија кои може заеднички да ги понудиме за да имаме поздрава животна средина во Кавадарци. Имаме многу загадувачи, повеќе облици на загадување. Треба да се донесе една национална стратегија за решавање на еколошките проблеми во која треба да влезат и еко проблемите на Кавадарци“ рече Паризов.
Екологистите од Кавадарци се против било какви рудници на Кожув планина, бидејќи како што рече, тоа се белите дробови на Кавадарци и регионот но и извор за вода за пиење. „ Дудица треба да се прогласи за заштитено подрачје како би си обезбедиле понатамошен извор на вода“ беше дециден Паризов.
За велешани главен проблем е загаденоста на почвата. За овие проблеми алармираше претстедателот на ЕД „Вила Зора“, д-р Ненад Коциќ кој исто така информираше и за проектот за деконтаминација на почвата. „ За жал, воздухот и водата имаат можност да се прочистуваат но и по 14 години од затворањето на тополница почвата сеуште е ужасно загадена. Со тоа се загадуваат земјоделските производи произведени на велешките ниви, а и луѓето кои ги консумираат. Нашите последни анализи покажуваат дека енормно е загадувањето со олово, кадмиум и со цинк. Одлична способност на растенијата за деконтаминација. Главниот проблем останува кадмиумот највисоките вредности неможиме да ги доловиме. Во централното подрачје се 13мг на килограм. Околу тополницата од 17 до 24 од дозволените 0,8. Пресметајте. Канцероген и опасен е кадмиумот“ рече Коциќ во изјавата за медиумите и потенцира дека е потребна интервенција и помош од државата за да се запре уништувањето на луѓето во Велес и по 14 години од затворањето на топилницата.
Екологистите со свои пари започнале проект за деконтаминација на почвата. За една година оловото во почвата било намалено до 42%. Отворени се за соработка и подршка со државните институции. Претставниците на еколошките здруженија очекуваат плод од денешната средба и акција за подобра животна средина.
Aнгел Данов
Додади коментар