Учениците од петите одделенија во кавадаречките училишта денеска го покажаа своето одлично знаење за екологијата и животната средина. Претставници на сите училишта учествуваа на квиз натпреварот што за прв пат се одржа во Кавадарци, а е по иницијатива на „Фени индустри“ , компанија што заедно со минситерството за животна средина, локалната самоуправа и еколошкото друштво „Тисовец“ го организираа првиот општински еколошки квиз натпревар.
Радува фактот што сите ученици покажаа одлични знаења, велат организаторите. Учениците од петте основни училишта од Кавадарци и „Димката Ангелов - Габерот“ од Ваташа без грешка одговораа на сите поставени прашања, но спретноста при притискањето на тастерот беше одлучувачка учениците од „Тоде Хаџи - Тефов“ и „Димката Ангелов - Габерот“ од Ваташа да стигнат до финалето. Во финале последното прашање на учениците од „Димката Ангелов - Габерот“ од Ваташа им донесе победа и три таблети и екскурзија на нивното одделение.
Заменик министерот за животна средина Стево Темелковски го поздрави овој квиз од областа на екологијата и посочи дека истиот ќе помогне да се подигне свеста кај најмладите за значењето на екологијата и здравата животна средина.
„Покрај другите активности што ги имаме во градот го инициравме и овој еколошки квиз. Целта е младите што повеќе да се едуцираат за заштитата на животната средина и секој од нив да го даде својот придонес за подобра животна средина. Фени најмногу вложува во екологијата и ги заврши сите задолженија кои ги имаше“ рече директорот на Фени, Никола Ризов.
Иницијаторот на ова натпреварување се надева дека квизот ќе биде традиционален и секоја година учениците ќе ги покажуваат своите познавања од екологијата и животната средина.
А.Д
Додади коментар