Вработените во Дрекслмајер Кавадарци успешно ја реализираа акцијата за пошумување нa висормнината Витачево во месноста Страгово во регионот на Кавадарци. Во соработка со јавното претпријатие „Национални шуми“ подружница Кавадарци беа засадени багремови садници на површина од околу еден хектар.
Како дел од стратегијата за заштита на животната средина, Дрекслмајер заедно со своите вработени иницира и организира бројни проекти и активности. И овој пат вработените волонтерски и многу мотивирано се вклучија во акцијата за пошумување во пределот Витачево каде во еден ден беа засадени околу 3500 садници.
„Секој од нас треба одговорно да се однесува, бидејќи единствено така ќе создадеме услови за подобар живот за сите генерации. Преку реализацијата на оваа акција сакаме да бидеме добар пример и да дадеме поттик за подигнување на свеста за грижата за животната средина“, вели Лукас Мирингер, Генерален менаџер на Дрекслмајер Македонија.
Дел од потребниот алат кој се користеше и во претходно реализираната акција за пошумување е донација од страна на Дрекслмајер, а останатиот дел, механизацијата како и стручна поддршка беа обезбедени од страна на подружницата на ЈП Национални шуми во Кавадарци.
„Ефикасното управување со шумите преку процесот на ревитализација придонесува за намалување на негативните влијанија врз животната средина. Драго ни е што Дрекслмајер традиционално организира ваков тип акции и повторно на дело ја покажува својата општествена одоговорност и грижа за животната средина. Заедно со вработените од компанијата успешно засадивме багремови садници во близина на изворот на реката Луда Мара со цел негова заштита од пресушување“, вели Митре Старчевски, шумарски инженер од кавадаречката подружница на ЈП Национални шуми.
Вработените во Дрекслмајер се горди на иницијативата за организирање на активности од ваков типи преку тимска работа придонесуваат за општото добро на природата и на зедницата. „Потребно е да се организираат што повеќе вакви акции за пошумување. Денеска поминав квалитетно време со моите колеги и среќен сум, бидејќи знам дека со учеството во оваа волонтерска акција за пошумување направив добро дело“, вели Влатко Трајковски вработен во Дрекслмајер.
Дрекслмајер во целост и доследно ќе продолжи да ги спроведува своите стратегии за општествена одговорност во насока на поддршка на заедницата во која делува.
Додади коментар