Достапна е студијата за зонско паркирање преку јавно приватно партнерство
13-10-2014 РЕГИОН

Физибилити студијата за јавно приватно партнерство за зонско паркирање денеска беше презентирана пред стручната јавност во Кавадарци. Општината интензивирано работи на решавање на проблемот со паркирањето. Беа нагласени придобивките од воведување зонско паркирање во градот. Планирани се три зони, а првенствено со студијата е утврдено скалесто плаќање на надомест за паркирање. 30 денари за првиот час на паркирање ќе се плаќа доколку сакате да се паркирате во строгиот центар на градот. Доколку има потреба возилото да остане уште еден час ќе ве чини дополнителни 40 денари, третиот час 50 денари и секој нареден по 50 денари.

Овие цени не се конечни рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов и за истите одлука ќе донесе советот на општината.  Втората зона ќе биде улицата „Илинденска“. 20 денари ќе чини паркирањето овде, а за секој нареден час дополнително по уште 15 денари. Најевтино ќе ве чини   автомобилот да го паркирате во третата зона, 10 денари за првиот час.

Студијата за јавно приватно партнерство ја изработи Центарот за економски анализи. Нејзиниот претседател д-р Марјан Николов рече дека јавното приватнои партнерство и е потребно на општината, бидејќи овој проект ќе се реализира со помалку буџетски средства, а на сметка на тоа ќе останат пари во буџетот за други приоритети.

Станарите  чии згради се наоѓаат во просторот каде ќе се спроведува зонско паркирање исто така ќе плаќаат надомест за паркирање, за нив ќе биде утврдена симболична сума која што ќе се плаќа годишно, а исто така ќе може и да се прави резервација за одредено паркинг место. Градоначалникот Панов најавува дека граѓаните нема да бидат многу оптеретени со високи цени и дека тие ќе бидат утврдени по примерот на Битола и Штип.

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар