Донација за штитениците на „Порака“
27-08-2013 РЕГИОН

 Дваесет и пет лица со пречки во развојот, штитеници на Порака Неготино, коишто се работно ангажирани во проектот за рециклирање пластика и хартија, денеска од фирмата Неком добија 500 килограми најлон кој ќе го продадат заедно со останатата собрана пластика.

„Утрово добивме голема донација најлон. Сега нема одмор. Напорно ќе работиме за да го балираме и да го обработиме на пресата. Потоа ќе го продадеме и ќе земеме плата“, вели Данчо Јованов дел од тимот работници вклучени во проектот за работно ангажирање.

Координаторите на проектот велат дека многу фирми се вклучуваат во донирање стара пластика, најлон или хартија, но Неком е една од оние чиј придонес е меѓу најобемните до сега.

Дваесет и петтемина корисници на услугите на центарот за помош на лица со пречки во развојот Порака Неготино, коишто се работно ангажирани преку овој проект се организирани во три екипи. Едни работат на терен собирајќи пластичен отпад кој може да се рециклира, други го селектираат по боја и тип, а трети пак, ја балираат селектираната пластика.

Инаку, ова е  втора донација на најлон од фирмата Неком. Таа и минатата година донираше 500 килограми за овој проект. Покрај бизнис секторот, до сега отпад за рециклирање донираа и повеќе државни и јавни институции, како и граѓаните на Неготино.

 

 Елена Данова



Share

Додади коментар