Дождот нова главоболка за лозарите - родот пропаѓа
11-10-2016 РЕГИОН

И временските услови не се во прилог на лозарите и годинашниот гроздобер. Новите врнежи од дожд се дополнителен проблем и главоболка за лозарите кои сеуште го немаат собрано родот од лозјата.

 

Стручњаците укажуваат дека новиот воден талог дополнително ќе ја намали шеќерноста на грозјето, но и ќе го оштети родот кој не е квалитетно заштитен.

 

Она што посебно загрижува годинава е тоа што значителни количини вранец останаа необрани, а истото е и со смедеревката.

 

Лозарите оваа година ќе ја запишат како најкатастрофална во поглед на пласманот на грозјето. Сега се молат по откупните пунктови само да го дадат грозјето. Не прашуваат ниту за цена, ниту пак кога ќе им биде платено.

 

Овогодишниот проблематичен откуп ќе принуди многу лозари на кои производството на грозје им е дополнителна дејност да се откажат од лозовите насади, бидејќи бадијала фрлаат пари за заштита.

 

И покрај субвенциите кои државата ги најави за визбите за откуп на вранец и смедеревка резултат на терен нема. Се помалку грозје се откупува, а се повеќе нервозни лозари кои со денови чекаат на откупните пунктови.

 

„Стоиме и по 24 часа во редица со надеж дека ќе го дадеме грозјето, но слаб е откупот. Грозјето е почнато да врие во приколките, ширата истекува. Оваа година е чиста загуба за нас лозарите. Државата мора да покаже поголем интерес за нас“ реагираат производителите.


Ангел Данов



Share

Додади коментар