Доверители на Фени и денеска протестираа - имаат побарување од 8 милиони евра
09-03-2018 РЕГИОН

 

Вработените во „Ролис ГМ“ и „Пуцко Петрол“ со подршка на деловни партнери од Албанија денеска повторно го блокираа патот Кавадарци- Прилеп кај Фени индустри. Блокадите беа поставени во 13 часот и како што беше најавено патот ќе биде блокиран до 16 часот.

Двете компании од Фени индустри во стечај имале побарување од 8 милиони евра, но и покрај протестот во понеделникот сепак не добиле позитивни резултати дека парите ќе им бидат исплатени.

 

Директорот на „Платиниум Алб“ од Тирана, Реџеп Ермаслари, денеска беше на блокадите. Тоа е компанијата која го снабдувала комбинатот со руда. Тој во изјавата за КТВ рече дека имале побарувања уште од јули минатата година.

 

„Нашата фирма ги има платено сите побарувања од државата, ги плаќавме работниците, а сега не можеме да си ги наплатиме нашите побарувања. Ќе продолжиме со протести и на територијата на Албанија. Ги известивме министерствата за индустрија и за транспорт, како и премиерот Еди Рама. Ќе го блокираме граничниот премин Ќафасан, нема да дозволиме ниту еден камион со македонски регистарски ознаки да влезе или излезе“ рече Реџеп Ермаслари.

 

Нема да прекинат со протести се додека не им бидат исплатени побарувањата рекоа од „Ролис ГМ“ и „Пуцко петрол“.

 

„Бидејќи со протестот од понеделникот не добивме резултати денеска со нашите партнери повторно се одлучивме да протерстираме. Топката се префрла од едно на друго место. Не можеме да ги добиеме нашите пари. Во понеделникот ги прекинавме протестите бидејќи имавме позитивни информациии да продолжат преговорите директно со стечајниот управник, но резултат нема и затоа повторно излеговме на протестот“ рече Томе Ангелов, директор на „Ролис ГМ“.

 

На прашањето дали ќе ги приојават побарувањата во Еуроникел, претставникот на Џисол, бидејќи таков повик упатија вчера од таму, Ангелов е дециден дека тие имале побарување од „Фени“ во стечај и немало никаква потреба да пријавуваат побарувања на друго место.

 

„Ние немаме ништо со Џи сол. Ова не е берза да продаваме акции, па кој купил што купил. Ако Џи сол сака да си плати кон Фени нека си плати. Ние нашите побарувања ќе си ги наплатиме од Фени“ рече Ангелов.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар