Агенцијата за катастар на недвижности ќе ја изврши дигитализацијата, се со цел трајно зачувување на оригиналните катастарски планови и нивно поедноставно користење, со што треба да се намали периодот за решавање на предметите на граѓаните.
- Со завршувањето на овој процес хартиените катастарски планови ќе станат историја, рече денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славчо Трпевски.
Тој најави дека дигитализацијата ќе придонесе за скратување на рокот за запишување на правата на недвижностите, ќе овозможи издавање копија од катастарски планови на шалтер исто како имотни листови, како и дефинирање на стандарди за изготвување на дигитални геодетски елаборати, олеснет пристап до дигиталните катастарски планови на ниво на целата држава. Дигиталните катастарски планови ќе бидат и основа за воспоставување регистар на просторни единици, графички регистар на улици и куќни броеви и на градежно земјиште, за планирање на просторот, за воспоставување на системи за управување со кризни состојби...
Од 1.906 катастарски општини 420 се веќе дигитализирани.
Моментно Агенцијата врши одржување на 13.053 листови од катастарски планови. За секој лист од катастарскиот план постои архивски и работен оригинал на стабилна основа во добра форма или квалитет, што се изработени во системски катастарски премери започнувајќи од 1927 година. Повеќе од 86 години секојдневно се користат работните оригинали за решавање на големиот број предмети што резултира со сериозно оштетување на катастарските планови. Со дигитализацијата, според Трпевски, ќе се надминат таквите проблеми.











Додади коментар