Загрижувачки се податоците кои ги објави Државниот завод за статистика во новата публикација „25 години независна Македонија“. Населението ни старее, Македонија станува земја на стари лица бидејќи наталитетот е во опаѓање, а се зголемува процентот на лицата повозрасни од 65 години.
Во периодот од 1994 до 2015 година стапката на природен прираст, разликата меѓу умрените и живородените, бележи пад. Од 8,1 во 1994 година, на 1,3 лица во 2015 година. Стапката на наталитет, пак, во истиот овој период, односно бројот на живородени на 1.000 жители, исто така бележи тренд на опаѓање за 5 отсто, односно од 16,1 во 1994, на 11,1 лице во 2015, објави Државниот завод за статистика, ДЗС, во новата публикација: „25 години независна Македонија“.
Податоците на ДЗС покажуваат и дека расте трендот на стареење на населението. Во периодот од 1994 до 2015 година, во вкупното население, учеството на лицата на возраст од 0 до 14 години е намалено од 20,2 проценти, на 16,7 проценти, а учеството на лицата од 65 и повеќе години е зголемено. Од 11,7 отсто на 12,8 проценти.
„Причината за намалувањето на стапката на наталитетот е таканаречениот темпо- ефект. Или, се' поприсутното пролонгирање на времето за раѓање деца, како и на одлуката за склучување брак. Така, во периодот од 1994 година до 2015 бројот на склучените бракови е помал за 10 проценти, а во исто време е зголемен бројот на разводи, од 39 на 155 разводи (на 1.000 склучени)“, стои во публикацијата.
Жените живеат подолго од мажите, односно просечниот живот кај жените изнесува 77,4 години и тие живеат 3,9 години подолго од мажите, чии просечен веке е 73,5 години, се наведува во публикацијата.
Во неа исто така се наведува дека нискиот природен прираст во изминатите години неминовно доведе до намалување на бројот на децата од училишна возраст, евидентира ДЗС. Така, во учебната 1991-1992 година се регистрирани 261,127 деца во основно образование, додека во 2014 - 2015 имало 188.361 ученик. Тоа е за 28 проценти помалку во споредба со раните деведесетти години.
Демографите оценуваат дека главна причина за опаѓањето на природниот прираст е економската состојба, невработеноста и нискиот животен стандард. Тие одамна алармираат дека македонската популација околу две децении се наоѓа во критична зона на стареење. Со други зборови, на годишно ниво се раѓаат помалку деца, а бројот на умрените се зголемува.
Во 2004 година разликата меѓу родените и умрените, односно природниот прираст изнесувал 5.417. Оваа година Статистика ја оцени како година на најнизок природен прираст во државата во претходните 70 години.
И експертите и демографите укажуваат дека, пред се', е потребен континуиран економски раст што ќе придонесе за зголемување на вработеноста и пораст на стандардот и на економско-социјалните услови. Со тоа ќе дојде и до зголемување на наталитетот и до автоматско подмладување на нацијата.

Додади коментар