Дефект на вентил е причината за вчерашните проблеми во водоснабдувањето
16-08-2014 РЕГИОН

Граѓаните од високата зона од Кавадарци вчера подолго беа без вода за пиење, а намален притисок имаа граѓаните од ниска зона. Според објаснувањето од раководителот на Водовод при ЈП Комуналец Кавадарци, проблемот настанал поради намален доток на вода од Лукар.

„Се случи дефект на воздушниот вентил, а поради  тоа се појави проблем со дотокот на вода од изворишниот дел. Откако го детектиравме проблемот на негово решавање работеше целата работна група на Водовод до доцна синоќа. Проблемот е надминат и од утринава сите граѓани имаат редовно водоснабдување. Превентивно и денеска има дежурна екипа “ рече Прескакулев. Тој ги отфрла сите шпекулации кои се јавија меѓу кавадарчани дека започнува рестрикција на водата за пиење.

Од ЈП Комуналец упатуват извинување до сите граѓани за непријатностите околу водоснабдувањето во текот на вчерашниот ден.

За разлика од минатите години, кога во текот на летото речиси целиот град имаше проблеми со водата за пиење, годинава за прв пат  се случи неколку часовен прекин во водоснабдувањето поради дефект, но со брза интервенција истиот е надминат.

Ангел Данов



Share

Додади коментар