Поголем дел од земјата денеска, според метео-алармот на УХМР е во жолта, односно алертна фаза, освен во два региона, како што се осоговско–малешевскиот и охридско–преспанскиот регион, каде што се предвидува топлотен бран од портокалова фаза, со температури од 36 степени Целзиусови, кои се повисоки од вообичаените за овој период од годината за овие два региона.
Според прогнозите на УХМР од утре се очекува мало намалување на темепратурите.
Поради високите температури најавени за денеска и високиот УВ индекс кои што пак, придонесуваат да се влошат условите за работа на отворен простор при што може да дојде до загрозување на животот и здравјето на работниците, Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд ги даваат следниве препораки до сите работодавачите (без разлика дали станува збор за јавен или приватен сектор) коишто важат за осоговско–малешевскиот и охридско–преспанскиот регион за 30.7.2013 година:
Се препорачува во текот на утрешниот ден (вторник) да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години, адекватна вентилација и по можност климатизација во работниот простор, да се избегнува работа на отворено за време на најтоплиот период од денот односно во период од 11 до 17 часот, промени во организацијата на работниот процес, односно воведување работа во две смени, обезбедување на засолништа каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата, почести паузи во текот на работата и консумирање на течности,
Дадените препораки работодавачите треба да ги почитуваат со што ќе се зголеми безбедноста на вработените во услови на топлотен бран.
Надлежните институции исто така препорачуваат:
Детските градинки, односно во детските градинки децата да се изнесуваат на прошетка единствено до 10 часот наутро, да се нуди лесна храна и повеќе течности, да се заштитат од дирекна сончева светлина со ролетни или завеси. До домовите за згрижување на стари лица за преземање на мерки за климатизација на просториите или обезбедување на една ладна просторија (неопходна за портокалова фаза), да се нуди повеке лесна храна и течности, совети за навремено земање на препорачаната терапија од лекар. Совети за избегнување на дирекна изложеност на сонце од 11 до 17 часот.
Центрите за социјални работи треба да имаат поголема соработка со единиците на Црвен крст и локалната самоуправа во поактивен пристап и помош на осамени стари лица, социјално загрозени лица и бездомници (лоцирање на лицата, домашни посети и помош).
Министерството за труд и социјална политика ќе ја следи состојбата и ќе ги преземе сите мерки во негова надлежност за запазување на безбедноста и здравјето при работа. Токму затоа, Државниот инспекторат за труд, односно инспекторите за безбедност и здравје при работа ќе бидат во засилени контроли за на терен да утврдиме дали работодавачите се придржуваат до препораките.

Додади коментар