Денеска се празнува Света Петка - Петковден
27-10-2016 РЕГИОН

Православните верници денеска   ја прославуваат света Петка или Црна света Петка, зошто луѓето веруваат дека оваа светица ги штити од разни несреќи, но и од многу болести.

 

 

Голем број верници денеска го посетија храмот Света Петка во Кавадарци. Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се празнува во секој крај. Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква.

 

Чудотворните  мошти на ова светица  низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгарад постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто  чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

 

Kултот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води. Петковден како домашна слава се празнува со служби посветени на св. Петка, а го празнуваат голем број македонски семејства.

 

Во Македонија култот консвета Петка особено бил раширен во Мариово. Населението верува дека св. Петка е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи. Празникот Св. Петка повеќе го празнуваат жените.

 

Има уште два празника посветени на св. Петка – Преподобна маченичка Петка (Римјанка) која се слави на 8 август, и Преподобна маченичка Петка (Икониска), која се одбележува на 10 ноември. Денешната се нарекува и Црна света Пека бидејќи светицата секогаш била облечена во црно.

 

На Света Петка се случувале големи чуда. Многу болни оздравувале на овој ден. Затоа луѓето со здравствени проблеми го чекаат овој празник верувајќи дека светителката ќе им помогне.



Share

Додади коментар