Грипот зема замав
21-12-2016 РЕГИОН

Временските услови одат во прилог на поголемо ширење на вирусот на грип. Изминатата недела во Центарот за јавно здравје Кавадарци има регистрирано 77 грипозни лица.

 

„Бројот на болни може да поголем, бидејќи повеќе лица не одат на лекар и се лекуваат во домашни услови. Сепак не се работи за алармантна состојба и бројот на болни и годинава е во граници на нормалата за овој период од годината“ рече д-р Ристе Јовановски од кавадаречкиот центар за јавно здравје.

 

 

Тој нагласи дека минатата година во овој период имало 51 лице заболено од грип. Тоа значи дека годинава бројот е малку поголем.

 

Лекарите советуваат во овој период да се избегнуваат собирања во затворен простор на поголема група луѓе. Болните да не земаат антибиотици на своја рака, бидејќи тие не лекуваат вирусни заболувања. Доколку состојбата на болниот се влошува потребно е да се побара лекарска помош.

 

Расте бројот на заболени од грип, бронхит и бронхо пневмонија и во Велес. Здравствените ординации се полни со граѓани кои бараат помош од лекарите.

 

Состојбата не е за занемарување, вели епидемиологот д-р Билјана Трајкова од Центарот за јавно здравје во Велес. Но таа предочи дека за жал лекарите навремено не ги пријавуваат болните од грип.

 

- Има епидемиско ширење на грипот што не го покажува бројката од 63 заболени граѓани пријавени минатата недела од страна на матичните лекари кај нас во Центарот за јавно здравје. Апелирам колегите од приватните здравствени ординации тоа да го сторат за да може да се утврди реалната состојба во градот и да се бара решение. Со овој податок со кој ние располагаме и е пријавен во институтот во Скопје ништо не може да се превземе. Потребна е поголема ажурност од страна на матичните лекари. Напоменувам тоа е во делот на грипот бидејќи бронхитите и бронхо пневмониите се важни но само за работата на инфективното одделение во болницата каде што впрочем се упатуваат болните пациенти со ваквите дијагнози. Ќе повторам, лекари пријавете грип болни во Центарот за јавно здравје, рече д-р Трајкова.

А.Д

 



Share

Додади коментар