Градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов денеска имаше средба со амбасадорката на Република Франција во Македонија, нејзината екселенција, Лоренс Оер.
Панов високата гостинка ја запозна со природно географските и културните карактеристики на Кавадарци и Тиквешијата, а на нивната втора официјална средба во Кавадарци се разговараше и за економскиот потенцијал на општината и можната соработка на тој план. - информираа од Службата за односи со јавноста при општина Кавадарци.
Домаќинот Панов ги презентираше можностите на кавадречкото стопанство, како на домашните фирми, така и на странските инвестиции кои се присутни во Општината. Притоа искажа желба со посредство на амбасадата на Француската Република во Македонија да се помогне во воспоставувањето на поблиски релации на општината Кавадарци со некоја француски општина со слични економско природни карактеристики.
Панов исто така се заложи за покренување заедничка иницијатива за позначајно присуство на францускиот јазик во кавадаречките училишта. Според него овој процес би се поттикнал со евентуална француска инвестиција, која кај децата би го зголемила интересот за изучување на францускиот јазик. Поткрепа на ова е фактото што поради присуството на Дрекслмаер и Синалко како големи странски инвеститори, родителите ги стимулираат децата да го изучуваат германскиот јазик.
Нејзината екселенција амбасадорката Оер во целост ги прифати предлозите на Панов израувајќи поддршка и нејзина лична заложба за создавање предуслови за реализација на истите. Притоа рече дека преку амбасадата ќе покрене иницијативи за воспоставување збратимени односи на општината со некоја слична во Франција. Во делот на економската присутност на Франција во Кавадарци посочи дека ќе го надополнат и онака исклучително доброто работење на економскиот промотор на Македонија во Франција со цел отворање на погон на некоја француска компанија во Кавадарци, - информираа од Службата за односи со јавноста при општина Кавадарци.

Додади коментар