Градинките во служба на децата - училиштата затворени за учениците!
27-04-2022 РЕГИОН

Од денеска градинките ги отворија вратите за згрижување на децата. Воспитувачките и негувателките од денеска го прекинаа штрајкот и се вратија на редовните работни обврски. Во градинката во Кавадарци исто така се почитува одлуката да се прекине штрајкот.  Директорката, Цанка Добринова информира дека денеска има поголем број на згрижени дечиња за разлика од изминатите денови, додека се штрајкуваше.

 

„И за време на штрајк беа згрижувани децата, чии родители немаа друг избор, освен да ги однесат во градинка“ додава Добринова.

 

За разлика од градинките училиштата и понатаму остануваат празни. Учениците не можат да го остварат уставно загарантираното право да се образуваат, бидејќи наставниците го користат нивното уставно право на штрајк. Иако народниот правобранител се изјасни дека правото на децата за настава е пред правото за штрајк, сепак во пракса тоа не е така.

 

Наставниците не го прифатија предлогот што го даде владата за зголемување на платите за 12%, бидејќи тие барале 18,4%.Од вкупно 480 синдикални организации, 388 вчера се изјасниле  за продолжување на штрајкот.

 

Ваквата одлука ги изреволтира родителите, кои активно коментираат на социјалните мрежи дека преку леб се бара погача. Родителите сметаат дека поради политиканство, страдаат децата.

 

Веќе трета година речиси и да не се изведува настава како што доликува. Корона кризата наложи наставата да се изведува од далечина, бројни беа отсуствата на ученици кои беа позитивни на вирусот, па во изолација поради позитивен соученик... Сега дополнително отсуство од настава поради штрајк на просветните работници и тоа на самиот крај од учебната година. Сето ова директно се одразува врз квалитетот на наставата и на наученото. Родителите се прашуваат што научија нивните деца во овие три години и како ќе се надополни пропуштениот материјал. Голем е бројот на родители кои нема да ги пуштат децата на училиште доколку се донесе одлука за продолжување на учебната година, ниту пак да посетуваат настава во сабота.

 

-Нехумано е една цела генерација од 18.000 ученици да бидат оставени без можност за нивно усовршување и образование. Доволно е да се уништи сон на едно дете за да пропаднеме како држава, систем, образование. Станува збор за три генерации кои континуирано ги уништуваме. Се што се случува во образованието мора да биде водено од интересот на детето, вели Лука Павиќевиќ, лидер на средношколците.

 

Политичките партии се препукуваат дали штрајкот е партиски инициран. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири синоќа ги повика родителите од денеска да ги пуштат децата на училиште, а директорите да обезбедат настава.

 

До кога ќе трае оваа агонија и дали државата ќе овозможи да се реализира непречено уставно загарантираното право за образование на учениците? – за одговор на ова прашање сигурно е потребно да надвладее разумот.

 

A.Д



Share

Додади коментар