Градежни активности во Ваташа
28-11-2019 РЕГИОН

Ангажираната оператива на струмичката фирма „Жикол“ деновиве во Ваташа работи на асфалтирањето на новиот мост од регионална улица „Страшо Пинџур“. Во оваа фаза од изградбата се поставува првиот слој асфалт на споредниот пристап од улиците „Ферчо Поп-Ѓорѓиев“ и „Илчо Димов“, како и на делот од улицата „Страшо Пинџур“ од спојот со ул.„Вано Гурев“ во правец на Моклиште.


Денеска се поставуваше првиот слој на асфалт, а за утре е предвидено и поставување на завршниот фин слој, со што ќе завршат градежните работи на овој капитален објект.

 


Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра, а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.
Мостот е од исклучителна важност, бидејќи се наоѓа на регионалниот пат Кавадарци-Мушов Гроб, по кој се одвива интензивен патнички и товарен сообраќај. Ова е проект со кој ќе се подобри безбедноста во сообраќајот на тој дел од општина Кавадарци. Проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и се реализира на нивно барање.


Општината апелира до граѓаните и учесниците во сообраќајот за време на асфалтерските работи да се придржуваат на времениот режим на сообраќај, со што ќе придонесат за непречено и квалитетно одвивање на работите.



Share

Додади коментар