Големо измрзнување на родните папки кај виновата лоза
13-01-2017 РЕГИОН

Има ли мрзнење и во колкав  процент е измрзнувањето на виновата лоза е прашањето што  деновиве го поставуваат лозарите во Тиквешијата по екстрамно ниските температури кои ја зафатија земјава. Одговорот за нив е поразителен.  Според стручните лица штетите се огромни речиси во сите лозови насади во тиквешко.

 

„ Осми и девети јануари беа најопасни за виновата лоза. Во овие денови е измерена температура и до -22 степени. Има мрзнење кај лозјата и до шеесет отсто. Се потврди она што во неколку наврати во емисијата Агро спектар на КТВ го апелиравме до лозарите да не брзаат со кроење. Сите оние кои го завршија кроењето сега немаат можност да прават корекции“ вели проф. Д-р Ристо Вучков.

 

Во АД „Гоце Делчев-Тиквеш“ деновиве стручен тим од агрономи ги анализираше примероците на лозови прачки од шест лозарски региони и тоа: Шамаци, Љубаш, Раец, Возарци, Трстеник и Фариш.

 

Најголем процент на измрзнување е регистрирано во Фариш и тоа 60% кај сортата Вранец, додека во понискиот дел во атарот на селото Трстеник измрзнувањето кај Вранецот е 40%. Од трпезните сорти анализите покажале  измрзнување од 40 до 50% кај сортата Афус Али, од 45 до 60% кај Мишел Палиери, 70% кај Рибиер и 50% кај сортата Кардинал.

Кај смедеревката која е една од најзастапените сорти во Тиквешијата регистрирано е измрзнување од 30%, кај Бургундецот 25%, сортата Шардоне е измрзната од 15 до 25%  додека кај  сортите Каберне и Жилавка има најмало измрзнување од 10%, а кај Темјаниката измрзнувањето е 25%. Најголем процент на измрзнување има регистрирано кај сортата Сира 70%. Анализите за утврдување на степенот на измрзнување на лозовите  насади  во АД „Гоце Делчев-Тиквеш“ ќе продолжи и наредните денови бидејќи со досегашните анализи не се опфатени сите сорти меѓутоа првичнте сознанија се дек  штетите се големи,  а родот од годинашнава реколта  е преполовен“ изјави директорот Ристо Милев.

 

Стручњаците велат дека доколку и во наредниот период има вакви бранови со екстремно ниски температури повторно ќе има мрзнење кај виновата лоза, но и кај овошките.

А.Д



Share

Додади коментар