Во општата болница во Кавадарци започна со работа амбуланта за дигестивна ендоскопија, каде се врши гастроскопија и колоноскопија. Со отворањето на оваа амбуланта жителите од тиквешкиот регион немаат повеќе потреба да се изложуваат на дополнителен трошок за дијагностицирањето на болести на горниот и долниот дигестивен тракт. Досега пациентите се праќаа на клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје.
Апаратот со сите дополнителни инструменти е набавен со финансиска помош на компанијата Дрекслмаер која издвои околу 30 илјади евра.
Директорот на кавадаречката болница д-р Диме Коцев на денешното презентирање во јавноста на донираниот апарат рече дека со овој чекор се зголемува акредитацијата на болницата и истата прераснува во регионална болница, бидејќи овде покрај пациенти од Кавадарци се лекуваат и граѓаните од Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско. Д-р Коцев од името на болницата и од име на пациентите се заблагодари на менаџерскиот тим на Дрекслмајер за успешната соработка.
„ За прв пат овие методи се извршуваат во ЈЗУ Општа Болница Кавадарци и за прв пат се отвара ваква амбуланта која ќе работи во склоп на интерното одделение. Моја заложба е посебно модерниот дел од медицината да го доближиме до граѓаните од овој регион. Од отвоатрњето на оваа амбуланта имаме двоен бенефит. Прво за болницатата, затоа што ќе се зголеми акредитацијата на болницата, со тоа што освртот на колоноскопија е единствен во регионот, а вториот бенефит е за граѓаните, бидејќи нема да патуваат во Скопје, со што се заштедува и време и пари“ рече д-р Коцев.
Во изминатата година д-р Стојанчо Рамов се обучуваше на клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје и веќе ги врши ендоскопските прегледи во болницата. Тој нагласува дека се откриени и првите случаи на карцином и навреме испратени на понатамошни интервенции на скопската клиника.
„Во текот на оваа година направени се околу 400 интервенции на горен дигестивен тракт. Сомнителните случаи беа проследени на клиника и животот на одреден број пациенти беше спасен. Преглед на долен дегистивен тракт-колоноскопија, започнавме да рабоиме во текот на овој месец и откриени се првите случаи на заболување на долен дигистивен тракт. Истите се испратени на понатамошни анализи и интервенции. Сакам да ја кренам свеста кај граѓаните за испитување на дебелото црево бидејќи е подмолно и често заболување, кое навидум почнува со крварење ректално и најчесто од луѓето не се дава значење, а може да има фатален крај. Овој карцином зафаќа високо место во стапката на смртност. Апелирам до граѓаните над 55 години да направи испитување на дебело црево“ рече д-р Рамов.
Aнгел Данов

Додади коментар