Пробиен е пат до селото Галиште во кавадаречко Мариово. Селото навистина нема жители, но нема бидејќи сите се иселија оти во 21 век до него мораа да одат пешки. Иако во изминатите години десетина куќи се одржуваа од најголемите ентузијасти и ловџиите. Но сега кога има пат, многумина на кои тука им се корените најавуваат изградба на викендички. Има дури и такви кои немаат никаква врска со Галиште, но сакаат да доаѓаат заради недопрената природа која ја нуди овој питом крај.
Трајков нагласува дека регионот е идеален за воздушна бања, има лековита вода, си плаче за еколошки туризам. Недопрен природа, богати пасишта, мистични пештери. Невидена тишина. Сетоа тоа вели е доволно за ревитализација на селото.
Од градежната компанија “Градба промет” од Кавадарци објаснуваат дека од селото Ќесендре до Галиште има 15 километри. 10 километри се лош пат. Остатокот, досега беше беспаќе.
-Ние сега ги средивме сите критични места на постоечките десет километри а ги пробоивме и тие 5 километри. Така да сега има пробиено пат до селото и натаму може слободно без проблем да се оди со џип. Работите навистина беа напорни оти на некои места имавме и непристапни терени па моравме да правиме повремени минирања оти наидувавме на поголеми стени. Имавме големо разбирање од галиштани кои секогаш беа присутни по неколкумина по цели денови додека работевме и одеа пред нашите машини па го расчистуваа теренот. Ги сечеа дрвата и големите треви на патот, помагаа да се пробие трасата-кажува Никола Наумов, еден од сопствениците на компанијата.
Исправена е неправдата која во изминатиот период му била направена на селото Галиште, вели градоначалникот на Кавадарци Александар Панов. Финансирањето на пробивањето на патот било од општински пари.
-Успеавме да го пробиеме еден од најтешките патишта оти се работи за лош планински терен оддалечен од градот. Задоволни сме од пробивањето на патот по кој сега може да се оди со џипови и други теренски возила и трактори и најавуваме дека во програмата за наредната година повторно ќе го ставиме тој пат за доработка. Мило ми е што некои од галиштани за прв пат си ги видоа куќите по толку многу години. Една бариера е тргната-нагласува Панов.
Светлана Дарудова
Додади коментар