Администрацијата од Oсновен суд Кавадарци и денеска беше на штрајк пред судот. Судења не се одржуваа, а се работеше само на итни предмети. На административците подршка во остварувањата на своите барања им даде и адвокатската комора. Заедно со нив на штрајк беа и адвокатите од Кавадарци. Отворена е и книга за подршка во судот.
Причина за штрајкот е незадоволство од донесениот нов Закон за судска служба и сите законски аномалии кои произлегуваат од истиот. Поради тоа и вработените во Основниот суд во Кавадарци го користат нивното демократско право на штрајк.
„Педесетина вработени судски службеници од Кавадарци, се одзваа и се приклучија кон повикот за штрајк и протест во организација на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација на РМ. Вработените судски службеници, до последениот, со 100 процентен одзив, едногласно изразуваат незадоволство од игнорантскиот однос на ресорното Министерство за Правда која досега се покажа незаинтересирана за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за функционирањето на судската служба која е важен столб во работењето и дејствувањето на судовите во Македонија. Досега не се исполнија нашите барања за зголемување на платите што патем беше ветување од Владата на РМ како дел од еден од многуте проекти кои постојано се потенцираат како позитивна придобивка на оваа власт“ рекоа претседателот на Подружницата на Здружението на судска администрација на Основен суд Кавадарци Сузана Коцева и Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Основен суд Кавадарци Трајанка Бошева.
Судската администрација исто така бара и враќање на старото работно време од 7 и 30 до 15 и 30, враќање на правото за остварување на додаток за кариера, примена на интерниот пред јавниот оглас и конечно потпишување на Колективен договор за вработените во правосудството.
Оценката на судските службеници е дека законот за судска служба има сериозни пропусти и истиот е неприфатлив поради лошиот начин на оценување и казнување кој делува крајно демотивирачки за секој вработен во судовите.
Ангел Данов
Додади коментар