Вработените во Фени и денеска протестираа. Два часа, во периодот од 10 до 12 часот го блокираа патниот правец Градско- Прилеп. Тие се револтирани поради барањето на банките комбинатот да оди во стечај. Додека работниците беа на блокадите, нивни претставници во Скопје имаа состанок со вицепремиерот Кочо Анѓушев и банките доверители.
Вработените се децидни, бараат да нема стечај и да имаат статус на вработени се до продажбата на компанијата.
„Имаме сега екипа во Скопје на преговарање со вицепремиерот и банките. Ако има нешто позитивно ќе се реши ситуацијата, ако не утре пак си продолжуваме со штрајкови. Сега нас ни е најбитно, оти цената е 13 илјади долари за тон никел а ние не работиме, сме на улицата. Бараме вицепремиерот да превземе повеќе обврски за ние да не останиме на улица, нагласи Димчо Убавков, член на извршниот одбор на синдикалната организација.
Кај вработените постои сомнеж дека во позадина на целиот проблем има политички игри околу иднината на комбинатот.
Како што и беше најавено, блокадата беше отстранета во 12 часот, а следните чекори зависат од исходот на денешните преговори.
Aнгел Данов

Додади коментар