Вонредна седница на советот на општина Неготино
20-11-2014 РЕГИОН

Синоќа Советот на општина Неготино ја одржа дванаесеттата вонредна седница. Иако на дневниот ред беа предложени само две точки. Точка еден Предлог-Одлука за утврдување на Предлог-Детален урбанистички план за една парцела КП.бр.10250 КО Неготино, општина Неготино и точка 2 : предлог одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Неготино во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги, каде по краткото образложение од страна на претседателот на Советот Јордан Паунов за точките на дневниот ред, седницата започна  процедурално од страна на советникот Васко Стефанов од советничката група на СДСМ кој побара пообемно образложение за свикувањето и итноста на оваа седница, и побара како и останатите советници на СДСМ одложување на истата.

 

На ова градоначалникот на општина Неготино, Ванчо Апостолов одговори дека донесувањето на предлог-одлуката за долгорочно домашно задолжување на општина Неготино е за доброто на граѓаните на општина Неготино, бидејќи со помош на овој кредит ќе се реконструирата старата и дотраена водоводна мрежа во општината со што рестрикциите на водата за пиење ќе се сведат на нула. По двочасовна расправа за итноста на седницата, и донесувањето на предлог одлуката за долгорочно домашно задолжување на општината, со 8 гласа ЗА, 2 ПРОТИВ, ВОЗДРЖАНИ немаше, се усвои дневниот ред на дванаесетта вонредна седница на Советот на општина Неготино.

 

По изгласувањето на дневниот ред беше побарана 10 минутна пауза, по која продолжи седницата односно едногласно со 11 гласа ЗА на советниците од двете политички партии беше усвоена точката 1. Жестоката расправа под точката 2 продолжи уште 1 час, во која советниците од советничката група на СДСМ бараа од градоначалникот и мнозинството на советниците во Советот на општина Неготино, да објаснат зошто е потребно толку големо задолжување на општина Неготино кога истите финансиски средства наместо за Скопје 2014, Владата може да ги пренамени за сите општини во Република Македонија, во конкретниот случај за решавање на деценискиот проблем со водоснабдувањето во општина Неготино и побараа седницата да се прекине. Ставот на мнозинството во Советот остана дека донесувањето на оваа предлог-одлука е од важно значење за граѓаните на општина Неготино бидејќи со овој заем ќе се финансира капиталниот инвестиционен проект- реконструкција на системот за водоснабдување на град Неготино. По исцрпната материјална расправа претседателот на советот Јордан Паунов точката 2 ја стави на гласање на која советниците на СДСМ не учествуваа и ја напуштија општинската сала. Со 8 гласа ЗА, ПРОТИВ немаше и без ВОЗДРЖАНИ,  беше изгласана и втората точка со која се заврши дванаесетта вонредна седница на Советот на општина Неготино.

 

Маја Алексовска



Share

Додади коментар