Вонредна седница на кризниот штаб на општина Неготино
13-05-2019 РЕГИОН

Грмежи, врнежи, појава на град и големо невреме најавуваат синоптичарите, според кои, земјава ќе биде под влијание на серија влажни бранови. Најавите се дека врнежите ќе бидат пообилни во јужните делови, при што се очекуваат врнежи од 50 до 70 литри на м2.

 

Ваквите прогнози ги мобилизираа надлежните од општина Неготино, па така се одржа вонредна седница на кризниот штаб на која беа координирани евентуалните активности што би се преземале, а се распределија и обврските помеѓу надлежните институции.

 

На седницата на која присуствуваа и претставници на општина Д. Капија, ПС Неготино, противпожарната единица, ЈП Комуналец и Дирекцијата за заштита и спасување беа земени предвид сите потенцијални ризици, ресурсите кои можат да бидат мобилизирани, механизацијата која може да биде ставена во функција, а од Дирекцијата за цивилна заштита и спасување се обезбедени 1.800 вреќи со песок. Контактирани се и сите градежни фирми за ставање во функција на нивната механизација.

 

До граѓаните се апелира да не ги паркираат возилата на главната улица Маршал Тито до Полициската станица како не би дошло до нивно оштетување, но и да се обезбеди простор за брза и ефикасна интервенција на надлежните. Се апелира и до жителите на населените места да бидат подготвени за вклучување во евентуални акции со работна рака и механизација. Надлежните продолжуваат со будно следење на состојбата, а утре ќе се одржи уште една седница на кризниот штаб.



Share

Додади коментар