Волци напаѓаат стока во велешко
15-11-2013 РЕГИОН

Велешани кои живеат во близина на месноста Маркова меана бараат помош од ловџиите и ловното друштво бидејќи не можат сами да се одбранат од волците кои таму се накотиле. Крволочните животни засега им ја напаѓаат стоката, најчесто крави и кози, кои ги чуваат во шталите веднаш над Вардар. Но тие стравуваат за безбедноста на нивните деца кои играјќи често знаат да залутаат по течението на реката.

До овој дел на градот  се стигнува по тесен, козји пат, што најчесто го користат децата, ѓраѓаните кои чуваат стока и рибарите. Над патот има само карпи а во нив пештери во кои се кријат волците, се сомнева Спаса Стојанова.

- Чуваме десетина крави во шталата. Се почна пред неполн месец кога  едно утрото околу 6.30 три волка нападнаа наша крава. И откинаа делови од телото а таа е стелна.  Не ја пуштаме веќе со другите крави да пасе подалеку од шталата. Сега треба да бараме месар бидејќи за неполн месец треба да се отели а ветеринарот ни препорача да гледаме барем телето да го спасиме, рече Спаса.

Нејзиниот сопруг  често пати ноќе преноќува во просторија до шталата. Ги гледа волците кога доаѓаат и бара помош од соседите за да ги протераат. Спаса вели дека пред неколку дена нашле мрша од коза што  потврдува дека волците не заминале туку дека се тука во близина на Маркова меана.

Така мисли и Венко Теовски, рибар кој скоро секој ден лови риба од левата страна на брегот на Вардар. Тврди дека видел три волци од кои едниот бил многу голем.

Тој смета дека наездата од волци е тука, кај Маркова меана. Дење се кријат во карпите и пештерите а ноќе се симнуваат долу околу шталите и во близина на последните куќи во градот. И Венко како и Спаса вели дека пред еден месец откако се слушнале пукотници  од  ридот кој градот го дели со населбата Превалец волците дошле кон Велес.

Сточарите за штетата што ја претрпеле и за стравот со кои се борат додека ноќе ги пазар стадата стока помош побарале од ловното друштво „Руен“.  Одтаму им рекле дека е забранет отстрел на волци. Овие граѓани сега помош ќе бараат од општината.

дума.мк



Share

Додади коментар