Во тек е реконструкција на винската куќа во градскиот парк во Кавадарци
21-10-2019 РЕГИОН

Проектот за „Реконструкција и адаптација на објект Винска куќа-Кавадарци“ во Градскиот парк се реализира непречено. Во оваа фаза се работи на поставување изолација на ѕидовите со термо фасада.

 

Досега е реализиран делот со изградбата на новата челична конструкција.
Реконструкција на Винската куќа, предвидува и замена на стариот покрив, поставување на нова армирано-бетонска плоча, зајакнување на надворешните ѕидови, поставување на нова електрична инсталација и партнерно уредување.

 


Финансиската конструкција изнесува 8.925.826 денари, од кои 3.096.460 денари ќе се обезбедат од буџетот на општина Кавадарци за 2019 година, додека останатите 5.829.366 денари се учество на Бирото за регионален развој.

 


Намената на реновираниот и адаптиран објект ќе биде „Вински музеј“ од регионален карактер. Во него ќе бидат изложени музејски артефакти,посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина и производи од грозје од производители од регионот, како и да се запознаат со традицијата во производството на вино.

 


Општина Кавадарци проектот го реализира преку Бирото за регионален развој, а во соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, информираат од локалната самоуправа.



Додади коментар