Во среда советување за земјоделците од УЈП за паушално оданочување
17-11-2014 РЕГИОН

Во организација на Управата за јавни приходи – регионална дирекција Кавадарци на 19 ноември со почеток од 12 часот ќе се реализира советување за земјоделските производители на тема: “Регистрација и паушално оданочување на земјоделци“. Советувањето ќе се одржи во големата сала на општина Кавадарци.

Од УЈП потсетуваар дека доколку обавувате земјоделска дејност и вашиот приход во 2014 година не надминува 1.300.000 денари, имате можност данокот на доход да го плаќате паушално.

Без разлика дали земјоделието претставува ваша основна дејност или истата ја вршите како дополнително занимање, регистрацијата за паушално оданочување ви овозможува персоналниот данок да го плаќате еднаш во годината и да немате дополнителни трошоци за водење на деловни книги.

За паушално оданочување можете најдоцна до 31 јануари 2015 година да се регистрирате на шалтерите на УЈП или по електронски пат.

Ако веќе сте регистрирани од УЈП и доделен ви е даночен број (ЕДБ) како вршител на земјоделска дејност, треба да поднесете  само Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

За земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување се предвидени низа даночни поволности. Доколку им е основна дејност земјоделството добиваат целосно ослободување од персонален данок доколку вашиот приход во 2014 година изнесува до 300.000 денари.  Доколку приходите кои се  остварени  се движат над 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи.

Пример: Ако во 2014 година сте оствариле 1.000.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 20.000 денари.

Доколку вршите земјоделска дејност како дополнително занимање, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80% од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20% од остварените приходи. Пример: Ако во 2014 година сте оствариле 200.000 денари, вашиот годишен персонален данок ќе изнесува 4.000 денари.

Ангел Данов



Share

Додади коментар