Во недела велосипедска трка „Ваташки меморијал“
23-06-2017 СПОРТ

Спортски настан кој значеше голема традиција и беше едно од обележјата на градот Кавадарци. Велосипедската трка Ваташкиот меморијал секоја година означуваше крај на една успешна спортска сезона во голем број на спортови во градот и општината.

 

И не само тоа Ваташкиот Меморијал беше спортски настан на кој присуствуваа спортисти од цела Македонија, се натпреваруваа и се држеа. По неколкугодишна пауза, пред се од финансиски причини но и заради стагнацијата на велосишедизмот како спорт на национално ниво Ваташкиот Меморијал повторно ке се одржи.

 

Овој пат во организација на велосипедската федерација на Македонија, во недела 25 јуни, ќе се оддржи „Ваташкиот меморијал“ а истиот годинава е вклучен како дел од Државното друмско првенство. Годинава меморијалот ќе се вози на делницата Кавадарци - Возарци - Росоман - Кавадарци во вкупна должина од 33 километри.

 

Се очекува учество да земат натпреварувачи од цела држава и тоа во следниве категории: жени и кадети кои ќе возат 2 круга, мастерс и јуниори кои ќе возат 99 километри односно 3 круга и сениори кои ќе возат четири круга. Предвидено е официјалниот старт на меморијалот да биде од улица „Индустриска“ кај ресторанот „Ангропромет“и е закажан за во 11 часот.

 

Финишот на трката според информациите од ВФМ ќе биде поставен на улицата „Индустриска“. Убав потег на ВФМ за рестартирање на меморијалот но сепак боде очи датумот со кој се нарушува традицијата. Ваташките младинци се стрелани на 16 јуни и секогаш меморијалот се одржуваше на овој датум, евентуално плус минус еден ден заради усогласување со викендите. И сега по толку години пауза ете господата од федерацијата во улога на добродетели можеле барем да го испочитуваат денот пред се заради настанот чие име го носи меморијалот или ако евентуално оваа година е сторено што е сторено но за следната година ако продоложи да се вози Ваташкиот меморијал да се исправи грешката и меморијалот да се врати на вообичаениот датум.

 

М.В



Share

Додади коментар