На 14 мај 1943 година во месноста Вишешница Кавадаречко е формиран тиквешкиот партизански одред Добри Даскалов.По тој повод денеска со пригодна свеченост во организација на ОО на СЗБ од НОВ од Неготино и Кавадарци беа одбележани јубилејните 70 години од неговото формирање.
Пред спомен бистите во градскиот парк до општинската зграда свежо цвеќе положија претставници од Сојузот на борци од Неготино и Кавадарци,градоначалникот на Неготино , советници од општинскиот Совет, пензионери, претставници на политички партии и други, а за големите акции кои ги имал партизанскиот одред „Добри Даскалов“ зборуваше Перо Стефанов претседател на борци на Неготино.
-„Во 1941 -42 година во услови на окупација во Неготино и неготинско пулсираше еден масовен отпор против окупаторот се создаде силно антифашистичко расположение и национално обединување на населението.Преку организирана и темелна работа се создадоа услови за вооружена борба,сите се вклучија во подготовките кои се однесуваа на собирање и складирање на оружје и воена опрема ,подготвување на облека и обувки за идните партизани,собирање на прехранбени продукти ,прифаќање на илегалци,воена обука и др.До крајот на 1942 беа собрани и складирани во специјални скривници над 50 пушки,2 пушкомитралези,10 пиштоли,10 бомби,9000 куршуми,30 кг динамит и друга воена опрема,информираше Стефанов.
Според него и покрај широката и динамична активност во тој подготвителен период бугарскиот окупатор не запленил ниту едно парче оружје,што говори за сплотеноста на населението од овој крај и неговата цврста определба за борба за слобода.Темелните подготовки овозможиле на 10 мај 1943 да замине во партизани првата група од Неготино додека втората група од 6 партизани заминала во одредот на крајот на месец мај 1943 год.
Со формирањето на тиквешкиот партизански одред се растуриле сите илузии на окупаторот дека Тиквешијата е лулка на бугарштината а сите борци биле доброволци од разни социјални слоеви и со јасно определена цел.
Во рамките на свеченоста имаше културно-уметничка програма со настап на пеачката група од Здружението на пензионери Неготино а за настаните од НОВ читаа ученици од ООУ Гоце Делчев.
Билјана Наумова-Тошевски

Додади коментар