Во Кавадарци се регистрираат нови дивоградби
05-06-2017 РЕГИОН

 

Во Кавадарци инспекторите и понатаму евидентираат нелегално градење на објекти. Точниот број на дивоградби изградени во последниот период не е познат, но дека се гради на диво потврдува и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

 

Несовесните граѓани најчесто градењето на диво го вршат преку викенд кога нема инспектори на терен, а дивоградбата ја констатираат инспекторите откако до нив ќе стигне поплака од соседите.

 

„ Со жалење морам да констатирам дека дивото градење и покрај добрата намера на законодавецот и на владата, ова да биде еден пресек во досегашното градење и да се овозможи во натамошниот период луѓето со поголем стравопочит да гледаат на овој феномен, сепак морам да констатирам дека сеуште се гради на диво и тоа најчесто во сабота и  недела,  кога службите не се доволно  присутни на терен. Пријавите најчесто ни доаѓаат од соседите“ вели Панов.

 

 

Тој нагласува дека секогаш кога некој брза да ја заврши градбата преку викенд работи најчесто  незаконски, за разлика од граѓаните кои имаат дозвола за градба и градежните работи ги изведуваат во континуитет цела недела.

 

„Мое размислување е дека нешто треба да се смени, пред се во инспекцискиот надзор. Тој треба да се префрли,  наместо во локалната самоуправа да биде во надлежност или на државата или да има две компании, два субјекта,   кои ќе вршат надзор и отстранување на дивоградбите, една во Скопје и една во Битола или Струмица, за да нема субјективитет во рушењето на дивоградби.

 

Многу често кавадарчани кои градат на диво, прво ја завршуваат градбата, а потоа бараат врски во општината, со цел бесправно изградениот објект да не им биде срушен.

 

A.Д



Share

Додади коментар