Во Кавадарци денеска се одржа состанок на кој се разговараше околу откупната цена на грозјето од годинашнава реколта. На состанокот со претставниците на лозарите присуствуваа министерот за земјоделство Трајан Димковски, градоначалниците на општините од Тиквешијата и пратеници од СДСМ. Сите се на ставот дека годинава цената на грозјето не треба да биде пониска од минатогодишната.
„Нашата заложба е да цената треба да остане најмалку како минатата година . Во оној дел винариите имаат свои калкулации, тие бараат дополнителни екстра некои субвенции кои би оделе на цената, дали ќе бидат кај нив, дали кај лозарите, за тоа ќе разговараме. Многу е важно ако еднаш ја спуштат цената, да знаете качувањето е многу тешко. Затоа и нашиот став, ама заеднички треба да бидеме во ова прашање, заеднички дека ќе правиме што ќе правиме, ќе се договараме по три дена ако треба, ама цената да ја задржиме. Качувањето е многу тешко, нагласи министерот, додавајќи дека овој сектор е важен и специфичен, бидејќи ова се повеќегодишни насади и не е лесно ниту да се влезе во производство, ниту пак да се излезе.
Градоначалникот на Кавадарци вели дека за цената на грозјето воопшто не треба да се разговара и таа треба да остане најмалку на минатогодишното ниво.
„ Да нема манипулации околу откупот. Од тоа не треба да отстапуваме. Треба да се излобира кај винариите да се откупат целите количини. Проблемите треба да се решат многу брзо оти грозјето кога ќе достигне технолошка зрелост не може да чека. Знам како е и јас имам лозов насад. Доколку се чека, ќе се изгуби на квалитет и квантитет. Во колапс е економијата на светско ниво. Според моите информации и нашите винарии се малку во полоша состојба отколку што би требало да бидат. Падната е потрошувачката. Како лозаропроизводители не треба да се лутиме и не треба да се мешаме доколку државата одлучи да им помогне поради економската криза. Но, винариите да ја дадат минатогодишната цена“, рече Јанчев.
Градоначалникот на Кавадарци уште еднаш посочи дека неговиот проект за дестилерија која би работела во склоп на винарска визба, под државна капа е долгорочно решение на проблемот со откуп на грозјето.
На состанокот се донесоа исто така беа донесени и овие заклучоци:
- до средината на наредната недела да се одржи состанок помеѓу МЗШВ и винариите со цел да се утврди откупната цена на грозјето за овогодинешната реколтаи количини за откуп.
- Се предлага решавањето на проблемот со вишокот на грозје да се изврши со интервенција од државата.
- Заради нарушување на домашниот пазар на вино намалување на цените на поголемите извозни пазари предизвикани од Корона кризата, винариите доколку имаат потреба аргументирано да бараат соодветни реални мерки од државата.
- МЗШВ да ги информира нашите амбасади во соседните држави и трети земји за извоз на винско грозје по лански откупни цени.
Ангел Данов
Додади коментар