Општина Кавадарци заедно со Министерството за образование и Агенцијата за млади и спорт овозможија од наредната учебна година 2014/2015 во средното образование да се отвори Кошаркарска паралелка од Националната спортска академија.
Спортската паралелка во Кавадарци која треба да започне со работа од септември годинава ќе биде втора ваква во Македонија освен онаа во Скопје која успешно работи веќе трета година по ред.
Општината ја информира јавноста, родителите на завршените осмоодделенци кои се талентирани за кошарка дека од оваа учебна година нивните деца можат да ги запишат во оваа паралелка која ќе функционира во системот на средното образование во Кавадарци.
За таа цел во понеделник на 25 август во спортската сала „Јасмин“ со почеток во 11:30 часот ќе се одржи селективен тренинг за упис во првата кошаркарска паралелка во Кавадарци за наредната учебна година.
На селективниот тренинг може да се пријават сите ученици и талентирани млади кошаркари кои го завршија Основното образование. Воедно се информираат сите заинтересирани кои веќе запишале прва година во некое друго средно училиште, дека доколку го минат успешно селективниот тренинг, ќе им биде овозможено непречено префрлање во Кошаркарската паралелка на националната Спортска академија во престојниот уписен рок.
Наставата во кошаркарската паралелка во Кавадарци ќе се работи според истиот систем и методика на наставата како во Скопје. Покрај општите стандардни предмети за средно образование, во оваа паралелка особен фокус ќе се даде на кошарката која ќе се изучува и тренира преку специјално изработена програма, а ќе ја спроведуваа стручни лица, применувајќии ги најмодерните методи и техники за образование и тренинг.
Општина Кавадарци ги охрабрува и повикува младите талентирани спортисти кошаркари да се пријават на селективниот тренинг во понеделник, со цел да ја исполнат својата спортска желба, да го исполнат кошаркарскиот сон и квцалитетно да го продолжат своето образование во родниот град и регионот на Тиквешијата и Повардарието, стои на крајот во известувањето од локалната самоуправа Кавадарци.

Додади коментар