На повеќе локации во градот и населените места во општина Кавадарци се реализираат предвидените активности од програмата за комунално уредување. Годинава акцентот е ставен на изградба и реконструкција на потпорните ѕидови. На одредени места се градат нови, а таму каде се оштетени од поројните дождови се реконструираат.
Градоначалникот Александар Панов денеска беше на терен да согледа како се одвиваат активностите од комуналната изградба.
„Продолжуваме со една од најголемите потреби оваа година а тоа се потпорните ѕидови. Неодамна го проширивме буџетот и комуналната изградба во делот на изградба на потпорни ѕидови, кои што се јавија како дополнителна потреба од невремето. Чекајќи ги оние дополнителни средтсва од владата и меѓународната заедница моравме прво да интервенираме таму каде е критично и каде имавме големи последици од невремето. Во тек се новите тендери за потпорните ѕидови со зголемен обем, во тек е исплатата на оние 500 евра за помош на приватните ѕидови кои попуштија кога беше големото невреме“ рече Панов.
Тој информира дека со асфалтирање ќе бидат опфатени улиците „Ќиро Спанџов“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Пролетерска“, „Блажо Тодоровски“, еден крак на „Цветан Димов“, „22 декември„ и „Пане Мешков“, а ќе се асфалтираат и ударните дупки.
Панов информира дека при релаизација на програмата за комунално уредување на улицата Праведничка се соочуваат со проблеми.Апелира до граѓаните од оваа улица да извршат позитивен притисок врз сопственикот на парцела кој не дозволува да се реализираат градежните активности.
„Јавен апел до граѓаните на ул. „Праведничка“. Таму имаме еден капителен зафат. Од тенедерот од минатата година имаме 2 милиони денари за асфалтирање. Имаме проблем со еден соптвеник на парцела. Не бегаме од тоа да им се плати, но нека дозволат да заврши постапката за експропријација, па колку ќе одлучат оние кои вршат проценка толку и ќе платиме. Планираме со 4 милиони денари да го уредиме овој можеби и најзапуштен простор. Сите граѓани кои живеат таму да извршат позитивен притисок врз сопствениците на тие парцели.“ рече Панов.
Ангел Данов
Додади коментар