Невладините организации ќе добијат свои простории во регионалниот центар за подршка на граѓанскиот сектор кој денеска беше отворен во Кавадарци. Проектот што општина Кавадарци го реализира преку Вардарски плански регион стигнува до финиш. Градежните работи на објектот завршија, а денеска со УНДП се потпиша и договор за набавка на мебел и опрема за центарот.
Претседателот на Вардарски плански регион и градоначалник на Велес, Славчо Чадиев нагласи дека на граѓанските организации им се овозможува полесно да функционираат.
„Со овозможувањето на просторните услови и со опремување на центарот ќе се овозможи јакнење на капацитетите на граѓанските организации, од аспект на логистичката подршка на истите, што пак, ќе придонесе кон поголема мотивираност кај нив за развивање на нови креативни идеи и предлози, иницијативи и се она што е во склоп на развој на општеството“ рече претседателот на советот на Вардарски плански регион и градоначалник на Велес, Славчо Чадиев.
Тој нагласи дека проектот е реализиран со финансиска подршка од Бирото за регионален развој и министерство за локална самоуправа во рамки на програмата за рамномерен регионален развој 2015 година.
Со изградбата на овој центар, рече Чадиев, ќе се подобри и координацијата на граѓанските организации, ке се добие едно репрезентативно тело при дефинирање на приоритетите за подршка на граѓанските организации не само во општина Кавадарци туку во целиот вардарски регион.
На свеченоста присуствуваше и државниот секретар во Министерството за локсална самоуправа, Билјана Цветановска Гуговска. Таа рече дека мрежата за инклузивен развој на ВПР е препозната од министерството како добра пракса и наиновативен проект за меѓуопштинска соработка. Овој проект веќе се реплицирал во пелагонискиот и североисточниот регион.
„ Оваа пракса ќе се реплицира и во останатите пет плански региони. Преку министерството за локална самоуправа беа обезбедени средства во висина од 300 милиони денари од кои 180 беа за подршка на центрите за плански региони. Вардарски плански регион доби 26 милиони денари и одобрувањето очекувам да се случи на една од наредните седници на владата, со што ќе се придоинесе за рамномерен развој на регионите во Република Македонија“ нагласи Цветановска – Гуговска.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон смета дека овој проект е вистински пример за мулти секторска и меѓу општинска соработка.
„УНДП со новиот договор се обврзува да обезбеди мебел и опрема за внатрешноста на објектот со што ќе се овозможи непречено функционирање на граѓанските организации. Благодарение на овој центар ќе можат да се решат некои од најчестите поплаки што ги имаат организациите од граѓанското општество,а тоа е немање простории“ рече Винтон.
Објектот на регионалниот центар за поддршка на граѓанскиот сектор се наоѓа во поранешните простории на младински дом. ВО изминатиот период се изврши целосна реконструкција на овој простор кој беше руина.
„ Имаме обврска во наредниот период да направиме правилна и правична распределба на овие простории. Доколку има недостаток на простории да размислуваме за изградба, доградба на нови простории, а вие ќе сработите нови проекти кои ќе бидат во интерес на сите граѓани“ рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.
Ангел Данов

Додади коментар