Во Кавадарци двајца кандидати за градоначалник и 13 советнички листи
27-09-2021 РЕГИОН

Двајца кандидати за градоначалници и тринаесет советнички листи е понудата за овие локални избори во општина Кавадарци. Од денеска започна претставувањето на кандидатите, а кампањата во првиот круг завршува на 15 октомври на полноќ.

 

На овие локални избори како што соопшти Државната изборна комисија  пријавени се 303 кандидати за градоначалници и 567 советнички листи . Покрај политичките партии, кандидати за градоначалници и листи со советници пријавија и неколку граѓански здруженија и организации.

 

Во Кавадарци довербата од граѓаните за градоначалнички мандат ќе ја бараат Митко Јанчев, кандидат на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ и Горан Тодоров, кандидат за градоначалник од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ.

 

На овие избори богата е понудата со советнички листи. Од ДИК потврдени се дури 13 советнички листи. Има пет независни советнички листи чии носители се Петар Камчевски, Ристо Сакалиев, Марјанчо Арангелов, Јован Златевски и Митко Камчев.

 

Носител на советничката листа на СДСМ и коалицијата  е д-р Диме Коцев, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, д-р Стојанчо Рамов. Советничката листа на Левица ја предводи Круме Богевски, на „Твоја партија“ – Ристо Ставров. Здравко Бошков е носител на советничката листа на Трајно македонско радикално обединување, Развигор Кабранов е предводник на советничката листа на Движењето одлучно за промени, Гоце Јанков на Единствена Македонија и Златко Камчев на Интегра.

 

Во оние општини каде нема да се избере градоначалник во првиот круг, ќе се одржи втро круг на 31 октомври, а кампањата ќе трае до 29 октомври.

 

На Локалните избори 2021 за првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за утврдување на идентитет и за избегнување на евентуални неправилности при гласањето.

 

На овие избори право на глас имаат  1.824.864 граѓани. Од вкупниот број на гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.740.147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82.461 лица, кои се наоѓаат на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1.899 гласачи кои на денот на изборите се наоѓаат во затвор или во притвор, 351 лице е во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

 

A.Д



Share

Додади коментар