Општина Кавадарци заедно со локалната бизнис заедница се приклучуваат кон заложбите на Владата и на Министерството за образование и наука за подигнување на атрактивноста и интересот за избор на средното стручно образование од страна на младите. И овде средните стручни училиштаво рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ организираат отворени денови за идните средношколци и ги презентираат перспективите кои ги нуди овој тип на образование, од аспект на вработување и гарантирање добра иднина за секој млад човек.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и СОУ „Ѓорче Петров“ каде, како што рече, како и во голем број средни стручни училишта во државата, за прв пат во новата учебна година се воведува концептот на дуално образование за одредени профили, а за дел, веќе постои и продолжува да се имплементира од септември преку соработка на училиштата со компании. Потсети дека компанијата Дрекселмајер веќе три години е дел од успешна приказна.
„Младите полуматуранти од Кавадарци, па и од околните општини, имаат уште еден месец да размислат каде ќе продолжат да се школуваат, а мојот совет се токму овие средни училишта и токму дуалното образование. Верувам и дека генерациите кои веќе поминале одредена година на образование во дуална паралелка се исклучително задоволни од начинот на стекнување на знаењата и од самите стекнати знаења и дека ќе го пренесат ова искуство на помладите и така ќе дадат еден придонес кон зголемување на бројот на ученици кои го одбираат средното стручно образование“, рече Царовска, додавајќи дека наставата во средните стручни училишта се модернизира преку воведување на повеќе практични часови и преку набавка на опрема.
„Средното „Ѓорче Петров“ е дел од земјоделските училишта за кои набавивме 11 машини за практична обука на учениците. Тој процес ќе го продолжиме и со опфат на други струки и други училишта во државата“, информираше Царовска.
Министерката рече дека со сет мерки за подобрување на квалитетот на стручното образование и за негова промоција меѓу младите, ќе се намали дефицитот на кадар, ќе им се помогне на младите даостанат во своите родни градови и да се реализираат професионално, со што ќе се забрза и развојот на државата.
Во двете средни стручни училишта во Кавадарци е планирано да се запишат вкупно 431 ученик во прва година. Од нив, 245 ученици во 8 паралелки со настава на македонски јазик се во СОУ “Киро Спанџов - Брко“ и тоа за машинска, електротехничка и геолошко рударски – металуршка струка, а останатите 186 во 6 паралелки на македонски јазик во СОУ “Ѓорче Петров“ за земјоделско – ветеринарна, шурмарско – дрвопреработувачка и здравствена струка.
Додади коментар