Средните училишта во градот, во идната школска година планираат да запишат над 1.000 ученици. Министерството за образование го објави конкурсто за упис во средно. Според распоредот, четирите средни училишта во Велес имаат слободни места за 1156 ученици. Предвидено е да се формираат 27 паралелки.
Традиционално, најмногу слободни места и овој пат има во стручното Коле Неделковски. Овде според конкурсот на министерството за образование предвидено е да се запишат 408 ученици распоредени во 12 паралелки. Две од нив ќе одржуваат настава на албански јазик. Освен електро и машински струки, училиштето нуди и угостителско образование. Во една паралелка ќе се изучува туризам, а може да се стекнат и основни знаења за келнер и готвач.
Гимназијата и хемиското Димитрија Чуповски, годинава нудат идентичен број слободни места за нови средношколци. Двете училишта предвидуваат да запишат по 238 ученици. Ќе формирааат по 7 паралелки. И годинава, во гимназијата ќе се формираат две спортски паралелки. Ќе се изучува фудбал и ракомет.
Половина од слободните места во хемиското пак се наменети за здравствената струка. Во четири паралелки ќе се нуди образование за медицинска сестра, физиотерапевт, фармацевт и козметика.
Најмалку ученици и годинава е предвидено да има економското Јовче Тесличков. Тука е предвидено да има шест паралелки со вкупно 204 ученици. Три паралелки се наменети за струката економски техничар а во останатите ќе се изучува деловното и банкарско работење, додека една паралелка ќе се формира за струката продавач.
Првиот рок за упис во средно образование ќе се одржи идниот месец. На 22-ри и 23-ти јуни завршените основци ќе можат да конкурираат за слободните места во средните училишта.
Зоран Јаневски

Додади коментар