Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска беше во работна посета на Кавадарци. Најпрво ја посети компанијата Слога пром која од неодамна реализира инвестиција за изградба на ладилник. Ставрески во изјавата за медиумите нагласи дека мерките и политиките на владата кои се спроведуваат даваат одлични резултати во намалувањето на невработеноста.
„ Кавадарци е општина каде што невработеноста е меѓу најниските во Република Македонија и споредено со 2005 година, бројот на вработувања е зголемен за 9.764 работни места. Од нив околу шест илјади лица се вработени во “Дрекслмаер”, а има вработувања и во други фабрики, домашни и странски – рече Ставрески.
Тој нагласи дека основната цел на економските политики на Владата е намалувањето на невработеноста и поддршка на фирмите.
„Токму затоа сум во посета на една таква фамилијарна фирма која со работа започнала во деведесетите години со само тројца вработени, а денеска има шеесетина. Оваа компанија има искористено и од мерките на Владата на Република Македонија, од проектот “Македонија вработува” и од евтината кредитна линија од Европската инвестициска банка. Токму тоа е и нашата цел, преку таквите мерки и политики на Владата, да им помогнеме на домашните фирми заедно со странските компании, да креираат повеќе работни места. Сметам дека оваа фирма со досегашното работење како и со инвестицијата која ја најавуваат, изградбата на ладилник со вредност од речиси три милиони евра, покажува како работат домашните фирми. Ова е доказ дека со успешна работа може домашните фирми да растат и да се развиваат и да реализираат инвестиции и вработувања“ рече вицепремиерот и министер за финансии.
Во моментов компанијата „Слога пром“ вработувала 60 работници, а со новата инвестиција ќе се вработат уште триесетина лица – рече косопственикот Ласко Јованов.
„Се одлучивме за една инвестиција која е потреба на компанијата. Првата фаза е околу 1,5 милиони евра. Се работи за ладилник со царинско складирање за потребите на самата фирма. Во оваа фаза ќе има 30 нови вработувања. Другите две фази ќе се завршат во текот на наредната година. Освен увоз, се стремиме и за проширување на нашата дејност и за сопствено производство и извоз на странските пазари. Секако, заедно со сите програми кои ги нуди државата, рече Јованов.
Ангел Данов

Додади коментар